По две години се вратија во Европа и победија. Ракометарите на Вардар со победа ги почнаа настапите во ЕХФ Европската лига, откако вечерва во Скопје беше совладана екипата на Валур од Исланд со 33:26.
Вардар ја потврди фаворитската улога и им приреди на своите навивачи една радосна европска вечер, каква што и „Комити“ и сите останати фанови на „црвено-црните“ чекаа подолго време.
Гостите го отворија мечот со предност од 0:2, по што Вардар успеа брзо да се соземе и да преземе иницијатива. Со голот на Срдановиќ во 5′, Вардар успеа да дојде до прво водство од 4:3, по што до средината на првото полувреме веќе направи разлика и од три гола (10:7). Потоа следуваше фуриозно продолжение на „црвено-црните“ кои до одморот практично не му дадода шанса на противникот. Расположените „вардарци“ ја полнеа гостинска мрежа, а со голот на Вуко Борозан го затворија полувремето со високи 19:11.
Во вториот дел, Валур влезе многу подобро. До средината на второто полувреме успеа да ја спушти негативата на пет гола (25:20), што беше знак дека Вардар мора да ја задржи свежината. Со неколку одлични интервенции на Еспиња и брзи реализации во напад, Вардар се врати на висока предност од 30:23 во последните 6 минути од средбата. Валур имаше неколку обиди за контранапади, кои ракометарите на Недановски успешно ги пресекоа, а до крајот на мечот предноста беше умешно задржана за прва, но убедлива победа во ЕХФ Европската лига.
Срдановиќ и Борозан со по 6 погодоци беа најефикански во редовите на Вардар. По 4 гола постигнаа Коиј и Петриќ, додека голманот Еспиња нанижа 14 интервенции.
Во вториот меч од оваа група „Ф“, екипата на Порто беше изненадена и убедливо совладана на домашен терен од германски Мелсунген со 24:29.