Репрезернативно засилената Струмица во извонредна одбојкарска партија го совлада унгарски Фино Капошвар со 3:0 во сетови во првиот меч од 1. коло во Купот на ЦЕВ кој вечерва се одигра во салата „Парк“. Предводени од нашиот најдобар одбојкар Никола Ѓоргиев кој по две децении повторно го облече дресот на својот матичен клуб, струмичани не можеа да ја пропуштат шансата да ја обебзедат првата голема европска победа, по неколкугодишно континуирано учество во европските купови.
СТРУМИЦА – ФИНО КАПОШВАР 3:0 (25-19, 25-23, 25-19)
Уште од првиот сет стана јасно дека Струмица оди мотивирано на победа. Никола Ѓоргиев заедно со колегите од репрезентацијата, Љафтов, Владо Милев, Наков и Маџунков успеаја да му дадат патоказ на тимот за во преостанатите два сета да се дојде до посакуваната победа. Унгарците во првиот сет освоија само 19 поени, а и во вториот Струмица имаше шанса побро да го заврши сетот, но во завршницата по неколку грешки им дозволи на противниците да дојдат скоро до егал завршница на сетот, која со 25:23, сепак, им припадна на струмичани.
Завршниот трет сет за голема победа на Струмица тргна со убедливо водство на домашните. Во многу кус период Струмица се одлепи и стигна до високи 15:8 некаде во последната третина од сетот, најавувајќи ја големата победа. На крајот сетот заврши со 25:19, со што Струмица со одлична предност патува на реваншот во Унгарија следната недела.
Никола Ѓоргиев со 17 поени беше лидер во составот на Струмица вечерва. Одличен меч имаа и Маџунков со 9, Наков со 8 и Љафтов со 6 поени.