Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го победи Флавио Коболи со резултат 2-0 (6:1 и 6:2) во третото коло на Мастерсот во Шангај. Италијанскиот тенисер кој во претходното коло го елиминира Вавринка, не беше достоен противник на Ѓоковиќ.
Српскиот тениски ас за околу еден час го елиминира Италијанецот. Новак беше доминантен во секој сегмент од играта, форхенди со брзина од 150 км на час беа преголем залак за Коболи.
Италијанецот беше нешто подобар на почетокот на вториот сет, но Новак брзо направи пресврт на 3-2 и го дотера мечот до победа и пласман во осминафиналето.
Во осминафиналето Новак ќе игра против Роман Сафијулин кој го совлада Френсис Тиаго.
Во осминафиналето влегоа уште Холгер Руне кој го исфрли Чехот Ледечка (2-0), Потоа Димитров кој беше поуспешен од Попирин (2-0), Бен Шелтон кој го елиминира Шпанецот Карбаљес Баена со 2-0, Стефанос Циципас кој беше подобар од Алекс Милер со 2-0…