Ракометната екипа на Пелистер го очекува следниот меч од Лигата на шампионите против Спортинг Лисабон во Битола. Спортинг е лидер на табелата со три победи од исто толку натпревари, а Пелистер е во исчекување на првиот бод.
„Играме пред нашите гледачи, а битолската публика знае да препознае квалитет. Верувам дека со наша добра игра, публиката ќе ни помогне да се претставиме во одлично светло и да извојуваме победа против разигран противник.
Можеби Спортинг не доаѓа од некоја најракометна земја како Данска, Германија, Франција, но Португалија во последно време и на репрезентативно и на клупско ниво напредува.
Се надевам на наше одлично издание. Спортинг е добро компонирана екипа, бековската линија со браќата Кошта и Натан е нивни адут. Играат брзо, модерно и тешко е да се направи фаул врз нив. Нивната одлика е ефикасниот напад, кој постигнува преку 40 голови по натпревар. Последната победа против Бенфика од петнаесет голови разлика не беше случајна, делуваат моќно во транзиција.“, изјави Ангеловски.