Пелистер успеа да го освои првиот бод во Лига на шампиони, откако одигра реми против Спортинг 24-24, а херој на мечот е Павле Атанасијевиќ, во самиот финиш донесе голема радост во своите редови. Пелистер успеа да анулира негатива од три гола.
Се чинеше дека ова ќе биде нов пораз, откако од 47-та минута, актуелниот македонски првак влезе во поентерска криза, но гостите влегоа во серија грешки за голема радост во Битола и сосема заслужена, особено ако се земе во предвид играта до 47-та минута.
Со ова реми Пелистер ја прекина серијата од 16 мечеви во ЛШ без освоен бод.
Едно поинакво прво полувреме за македонскиот првак во најсилното европско клупско натпреварување. Битолчани на крилата на Кузмановски, одличниот Митревски и Радивојевиќ за девет минути на својот тим му донесоа предност од 5-2. Пелистер успеа да го наметне својот ритам на игра, не му дозволи на Спортинг брза игра. Португалскиот тим успеа да изедначи на 7-7 на средината на првото полувреме, откако на другата страна битолчани направија неколку технички грешки.
Во 21-та минута, Спортинг кратко поведе (за првпат на мечот) со двата гола на Салвадор. Но, во самот финиш Пешевски успеа да постигне два важни гола за 15-12. Митревски во самиот финиш со петтата одбрана ја сочува позитивата од 15-13 за продолжување на надежта дека Пелистер конечно ќе дојде до првиот триумф во ЛШ.
По одморот, битолчани поведоа со 16-13, на другата страна Спортинг максимално ги искористи сите три грешки на противникот и изедначи на 16-16 во 35-та минута. Од овој момент следеше налет на Пелистер, Цехте, Борзаш, Пешевски и Радивојевиќ ја прекинаа серијата на гостите за 20-16 во 41-та минута, две одбрани имаше Митревски.
Спортинг се разбуди, со три гола повторно дојде на минус еден 20-19, доволен знак за тајм-аут за Ангеловски. На голема среќа гостите не реализираа, Кузманоски зголеми на 21-19, но резултаската нишалка продолжи. Португалскиот тим се издигна го запиша второто водство на стартот на 50-та минута (21-22), не искористи два напади за плус два, Митревски повторно беше фантастичен. Во овој период битолчани беа без постинат гол веќе 12 минути.
По неколку промашувања, Кошта успеа да го совлада Митревски и одбраната, а Спортинг да поведе со 21-23 во 56-та минута. Истиот ракометар пропушти да зголеми на плус три и да го остави Пелистер во игра, Ангеловски одлучи да напаѓа со „седум на шест“, но ниту тоа не помогна, Кошта казни за 21-24.
Радивојевиќ беше реализатор на првиот гол после долгата црна серија, а Борзаш ја врати драмата за 23-24, а на другата страна за Спортинг останаа 35 секунди. Гостите направија пробивање, Павле Атанасијевиќ постигна гол за 24-24 и голема радост на трибините.
Пешевски, Радивојевиќ и Кузмановски имаа по пет гола, Митревски запиша 11 одбрани. На другата страна Кошта, Салвадор и Гури имаа ист број на погодоци.
На последната средба од првиот ден, ПСЖ го победи тимот на Фредерициа со 38-30.