По проблемите во нападот, по повредите на Александар Трајковски и Дарко Чурлинов, на неколку часа пред почетокот на мечот во Рига, селекторот Благоја Милевски се соочува со неочекувани проблеми и во одбраната.
Имено ако се знаеше дека на денешниот меч против Летонија нема да играат Никола Серафимов и Ѓоко Зајков поради суспензии, од утринава се знае дека здравствени проблеми, вирус, има бекот Бојан Димоски. Одлучено е тој да го прескокне дуелот со Летонија за да биде целосно подготвен за недела и гостувањето во Ереван.
Ова значи дека Милевски ќе мора да менува не само во дефанзивниот дел, туку веројатно ќе менува и во формацијата.
Останува да се види со кој стартен состав Милевски ќе го започне мечот во Рига.










