МЗТ Скопје не успеа да се врати со целиот плен од Загреб и покрај тоа што на стартот на третата четвртина имаше предност од 16 поени. На крајот актуелниот македонски првак беше поразен од Цедевита Јуниор после продолжение со 77-75.
По мечот тренерот на „сино-белите“, Васко Атанасов потенцираше дека неговите момци не смеат да дозволат таков пресврт.
„На мојот тим не смее да му се случи ваков пресврт од нашите противници, требаше подобро да ја сочуваме разликата од 16 поени. Овој тим на Цедевита Јуниор е доста добар, но направивме многу грешки. На почеток на сезоната сме, се надевам дека можеме да научиме од овие натпревари. Добро се боревме на теренот и заслужено водевме во текот на целиот натпревар, но противниците ги искористија своите можности и покажаа дека се подобриот тим“, изјави младиот стратег на македонскиот првак.
Ваквите киксови за МЗТ Скопје не се дозволиви особено ако се земе главната цел оваа сезона, пласман во АБА лига.