Драмата во Битола за Пелистер, нов удар за МЗТ Скопје

87

Дербито на второто коло во Првата лига му припадна на Пелистер кој во драматична завршница славеше против МЗТ Скопје со 68-67. За битолчани ова е прва победа на домашен терен против актуелниот првак после една година. За „сино-белите“ ова е нов шок после поразот од Цедевита Јуниор во АБА2-лига.

За разлика од Супер-Купот каде битолчани имаа сили само за едно полувреме, вечерва видовме поинаква пресметка, како што доликува на едно дерби во Првата лига. Победникот се решаваше во последните секунди, а таму Антоан постигна важни поени.

Победата е слатка и за битолчани, но и за тренерот Александар Петровиќ, кој претходно го водеше токму МЗТ Скопје.

Актуелниот македонски првак отвори со 7-0, на другата страна на домаќинот му требаа три минути за да ги постигне првите поени. Откако го стори тоа целосно се врати во мечот, но првата четвртина им припадна на гостите (19-21). Во следните десет минути на теренот далеку подобар беше составот на Пелистер, беше подобар за 39-34.

По одморот МЗТ Скопје имаше кратки добри минути, но битолчани знаеја како да се извлечат на момент. По 55-54 на стартот на последната четвртина беше јасно дека во салата „Боро Чурлевски“ следи вистинска драма во која МЗТ Скопје успеа да поведе со 59-63, но две грешки беа доволна причина за да Пелистер израмни на 63-63 на 5:30 до крајот. Двата тима влегоа во серија на промашувања и грешки, па затоа не видовме квалитетна завршница.

Мишковиќ на минута до крајот зголеми на 66-65. Војдан направи грешка во претпоследниот напад, но истото стори Пелистер, па МЗТ Скопје доби втора шанса, а Слај се најде на линијата за слободни фрлања на девет секунди до крајот. Ги погоди двете за 66-67, а Петровиќ повика тајм-аут да ја нацрта последната акција. Антоан зголеми на 68-67 на четири секунди до крајот. Слај не успеа да реализира за голема радост во Битола.

Антоан имаше 16 поени и 6 скока, зад него беше Костоски со 13 поени. На другата страна Слај имаше 13 поени, Копривица и Крстевски запишаа по 11 поени.

На останатите два меча, ТФТ по голема драма дојде до победа против Гостивар на гости од 60-61. Во Куманово победникот се решаваше после продолжение во кое домашниот тим беше подобар и на крајот славеше со 92-89.

ПретходноНационалите вечерва тренираа на „Вазген Саргсјан“, утре одиме на победа против Ерменија! (ФОТО)
Следно„Жешко“ е во Лесковац: Прво тепачка пред стадионот, па свирежи за химната на Швајцарија и за Џака, па “Косово е Србија“! (ВИДЕО)