Екипата на Вардар 1961 ниту одблиску не беше рамноправен противник на Мелсунген. Македонскиот тим го запиша првиот пораз во Европската лига, откако на гостински терен кај бундес-лигашот предводен од Роберто Гарсија Париндо беше совладан со 34-18.
Крсманиќ беше стрелец на четири гола, додека по три имаа Лазаревски и Маргели кој се повреди на крајот на мечот. На другата страна Моравски имаше 17 одбрани.
Мелсунген на дело покажа зошто е голем фаворит во групата, мечот го отвори со 5-1, за кратко време зголеми на 9-3. На другата страна Вардар 1961 успеа да намали на два гола, но потоа следеше одговор од страна на противникот за 17-10 на одморот.
Вториот дел беше чиста доминација на домашниот состав, за кратко време поведе со двоцифрени 20-10, па зголеми на 25-12 и без проблем го приведе мечот во своја корист.
Следен противник на Вардар 1961 е Порто, дуелот се игра на 22 овој месец.