Струмица прокоцка историска шанса: Пораз во Златен сет за елиминација од Европа

266

Одбојкарите на Струмица пропуштија голема можност да го поминат првото коло во Купот на ЦЕВ, откако дозволија Фино Капошвар комплетно да им се реваншира за поразот на првиот натпревар совладувајќи ги со 3:0, а потоа го загубија и „Златниот сет“ преку кој Унгарците успеаја да се протнат во 2. коло од ова европско натпреварување.

ФИНО КАПОШВАР – СТРУМИЦА  3:0 (25-19, 28-26, 26-24) / Златен сет 15:11

За Струмица која е засилена со скоро целата прва постава на нашата репрезентација, денеска беше доволно да освои само сет за пласман во следното коло, но несфатливо дозволи да ги загуби сите три сета и да го однесе мечот во „сет-рулетот“. Статистички, Струмица ги имаше и вториот и третиот сет во раце, откако во завршницата влезе со предност (19:21 и 17:21), но дозволи домаќинот на разлика да дојде до сензационално освојување на сетовите и неочекувана победа од 3:0.

Во „Златниот сет“ кој се игра до 15 освоени поени, нервозата го направи своето, па домашните го искористија тоа и со 15:11 ја комплетираа сензацијата. За Струмица останува да жали за големата пропуштена шанса.

Ниту 26 поени на Никола Ѓоргиев не беа доволни за успех. Маџунков и Љафтов реализираа по 9, а Владо Милев 7 поени. Кај Фино Капошвар извонреден беше новиот коректор, Кинезот Јанг кој средбата ја заврши со 27 поени.

ПретходноЗа Тунижанецот, кој Лазаревски го изнесе од теренот, заврши сезоната!
СледноБарселона со триумфот над Загреб сега има пет од пет, Алборг го победи Сегед!