Пелистер гостин во полскиот „пекол“, Пешевски потенцира: Ќе биде супер-неизвесно!

106

По освоениот бод во Лигата на шампиони во редовите на Пелистер самодовербата е на многу поголемо ниво од претходно. Добрата игра против Спортинг им даде надеж на сите дека навистина можат да се носат со тешките предизвици кои ги носи ова натпреварување.

Новата европска задача за актуелниот македонски првак е Висла Плоцк. Станува збор за противник кој нема освоено ниту еден бод во ЛШ, но од друга страна пред неколку дена го победи Кјелце на домашен терен во тамошниот шампионат. Висла е силна пред своите фанови, а тоа што има „нула“ на табелата не значи ништо.

Жарко Пешевски потенцира дека противникот игра поинаков ракомет, има добар состав и затоа ќе морат да бидат вниманителни. Подготвени се и се надеваат на добар исход.

„Конечно го скршивме „мразот“ во ЛШ и ни падна голем товар од грбот. Освоивме бод по долго време и тој ќе ни помогне во домашните и гостинските натпревари. Гостуваме кај одличен противник, екипа која е составена од интернационалци и одличен тренер. Висла игра малку поинаков ракомет од останатите, имаат гранитна одбрана, искусни голмани и сакаат сигурно и смирено да ги завршуваат нападите. Максимално се подготвуваме и имаме свои шанси. Тие го победија Кјелце, ние бевме подобри од Охрид во домашното првенство, ќе биде супер-неизвесно. Влегуваме со позитивна атмосфера и желба за продолжување на серијата“, изјави Пешевски.

Мечот меѓу Висла и Пелистер е закажан со почеток во 20:45 часот. Овој дуел е од петтото коло во ЛШ, а битолчани се шести на табелата во групата А, на пет бода зад ПСЖ.

ПретходноПо раскинувањето на договорот – нов срамен потег на Јунајтед кон Фергусон
СледноМедведев ги измами Саудијците – за 69. минути „заработи“ 1,5 милиони долари