Поранешниот ракометар на Вардар, Васко Шеваљевиќ е нов директор на машката репрезентација на Црна Гора. Откако за нов селектор беше назначен францускиот стручњак Дидие Динар, во редовите на овој национален тим веднаш беше решена и улогата на директор која подолго време е испразнета.
„Кога дојде време да ја напуштам репрезентацијата по Светското првенство во Полска, реков дека секогаш ќе бидам тука за црногорскиот ракомет, а можноста за тоа дојде токму сега. Назначувањето за директор на репрезентацијата е голема чест. Верувам дека ќе ја оправдам довербата поради тоа што сум долго време во репрезентацијата и што одлично го познавам системот. Неодамна добивме нов селектор и веќе сум во секојдневна комуникација со Динар, за да се создадат најдобри услови за успешен старт на квалификациите за ЕП во 2026 година. Пред нас е голем предизвик и верувам дека можеме да одговориме на вистинскиот начин со вклучување на сите структури во Алијансата“, рече Шеваљевиќ.