Пелистер е поразен во рамките на петтото коло во Лигата на шампиони, откако на гостувањето кај Висла Плоцк беше совладан со 26-18 (13-11). Битолчани не успеаја да дојдат до нови бодови по ремито против Спортинг, затоа пак ова им успеа на ракометарите на полскиот тим кои со првите бодови оваа сезона го симнаа Пелистер на седмото место. За биточани ова беше четврти пораз оваа сезона.
Кузмановски беше стрелец на пет гола, еден помалку имаше Борзаш, додека пак Митревски имаше осум одбрани. На другата страна Алиловиќ запиша 12 интервенции, Михиќ осум гола.
Македонскиот првак одигра под нивото во првите 17 минути од мечот во Плоцк. Противникот отвори со 9-2 во 14 минута. На другата страна битолчани својот трет гол го постигнаа речиси на средината на првото полувреме. Еден од трите гола беше од седум метри, а реализатор беше Кузмановски. Пелистер полека, но сигурно се врати во игра. Максимално ги искористи грешките на полскиот тим, кој 5:30 минути беше без постигнат гол и намали на 11-8 во 23-та минута, а веќе по новата одбрана на Митревски кој влезе на местото на Ивиќ, Манасков реализираше за 12-10. На одморот резултатот беше 13-11.
Нешто слично како и на полетокот, домаќинот влезе со голема самодоверба, многу поцврста одбрана и добро поставени нападот. Отвори со серија од 4-1 за 17-12, предноста можеби ќе беше поголема, не искористи ниту седмерец. Првиот гол за Пелистер во овој период го постигна Борзаш во 35:30 минута. Полскиот тим не застана тука, веќе во 43-та минута поведе со плус шест (20-14). Бранислав Ангеловски повика тајм-аут, Кузмановски направи пробивање, а во следниот напад Борзаш беше крајно непрецизен. Но, грешеше и домаќинот.
Во последните 15 минути, Пелистер влезе со негатива од пет гола. Сабате повика тајм-аут сакајќи да ги спречи битолчани да влезат во серија. Митревски запиша важна одбрана, но на ист начин врати Алиловиќ, кој беше една од главните причини што неговиот тим во 50-та минута имаше највисоки плус осум 23-15.
Пелистер успеа да намали на 23-17, но немаше време за нешто повеќе. Висла не дозволи пресврт за голема радост на трибините, бидејќи дојде до првите бодови.
Следен предизвик за Пелистер во ЛШ е Веспрем, мечот се игра на 24-ти овој месец во Битола.
На останатите две средби од групата А, ПСЖ го совлада Динамо Букурешт со 35-32, додека драмата во Лисабон заврши со победа на Спортинг против Фуксе Берлин од 35-33.