Љафтов потпиша за грчки ПАОК каде тренер ќе му биде Јошко Миленкоски

376

Уште еден македонски одбојкарски репрезентативец има нов клуб. Искусниот примач Александар Љафтов од денеска е нов играч на грчки ПАОК, клуб каде и оваа година на клупата ќе биде нашиот најтрофеен одбојкарски стратег, Јошко Миленкоски.

Солунскиот состав вечерва го потврди трансферот на Љафтов кој доаѓа како ново освежување во амбициозниот тим на ПАОК, кој предводен од Миленкоски ќе се обиде и оваа година да се фати во костец со великаните на грчкиот спорт, Олимпијакос и Панатинаикос во битката за трофеите.

Договорот на Љафтов со ПАОК ќе биде на една сезона. Нашиот репрезентативец оваа сезона одигра два меча за Струмица во ЦЕВ Купот, по што како што и најави ќе ја продолжи интернационалната кариера.

„Многу сум среќен што се приклучив во редовите на ПАОК. Се надевам дека веднаш ќе се прилагодам на тимот и ќе можеме да постигнеме големи работи, играјќи многу убава одбојка. Среќен сум што повторно ќе работам со првиот тренер кој го имав во кариерата, Јошко Миленкоски. Многу добро се познаваме. Едвај чекам да започнат официјалните натпревари“, изјави Љафтов при официјалното потпишување на договорот со грчкиот прволигаш.

ПретходноСлот со критики кон Премиер-лигата: Малку треба да размислат
СледноЖенска репрезентација до 19 години на тест во Бугарија