Шефот на фудбалските судии кои ја делат правдата во англиската Премиер лига, Хауард Веб, тврди дека оваа сезона бројот на погрешни проценки на ВАР е намален за 80 проценти.
ВАР се користи во Премиер лигата веќе пет години, но се уште има бројни дискусии за тоа како се користи, пренесува Би-Би-Си.
Независното истражување нарачано од Премиер лигата покажа дека 80 отсто од навивачите оваа сезона сакаат да се задржи ВАР системот. Со цел одлуките донесени во ВАР-салата да бидат појасни за пошироката публика, Премиер лигата лансираше наменски канал на социјалните мрежи.
„Имаме независна комисија од поранешни играчи и тие ја проценуваат секоја одлука секоја недела. Според комисијата, која е независна од нас, имало само две грешки на ВАР оваа сезона во споредба со 10 во исто време минатата година“, рече Хауард Веб.
Во Премиер лигата планираа да воведат и полуавтоматски систем за офсајд за оваа сезона. Имплементацијата на тој систем требаше да се случи по репрезентативната пауза во октомври и ноември, но воведувањето е одложено за 2025 година.