Српскиот фудбалер Драгиша Гудељ летово беше принуден да ја заврши професионалната кариера. Причина за ова е лекарската препорака откако за малку ќе го загуби животот на зелениот терен.
Имено, срцето на српскиот фудбалер минатата година двапати запре. Првите проблеми се случија во март кога беше клинички мртов, но лекарите успеаја да го спасат, а истото се случи и во декември минатата година.
Сега неколку месеци по завршувањето на професионалната кариера, Гудељ зборуваше за шпански АС, и истакна дека сака психички да се засили откако ќе го напушти фудбалот.
Тој зборуваше и за кобниот натпревар во март 2023 година кога колабираше на теренот.
„Бев мртов на теренот, немаше пулс. Сето тоа ми е како секунда. Кога станав, прашав што се случило, бидејќи мислев дека некој ме удрил. Подоцна ми кажаа дека седум минути сум во несвест, а срцевиот удар траел три минути“, изјави Гудељ.
Српскиот дефанзивец истакна дека најмногу им е благодарен на лекарите, чија брзина и ефикасност му го спасиле животот. Гудељ го нарече Божји ангел.
„Имав среќа што Господ го испрати својот ангел на нашите трибини. Тоа е Пепе Сегур, кардиолог во болницата во Кордоба, еден од најдобрите кардиолози во Шпанија и наш голем поддржувач. Оттогаш тој ми е втор татко. Навистина имам посебен однос со него. Тој беше таму и кога решив да не играм повеќе. Кога ме виде како паѓам по втор пат во декември, воопшто не се двоумеше и веднаш скокна на теренот. Сосема мирно се справи со ситуацијата со докторот Бретонес од Кордоба на полн стадион. Сигурно и не им беше лесно. Три и пол минути живот не е мала работа, а јас бев на прагот да се вратам или не.
Благодарение на Бога и благодарност до оние кои беа таму во вистинско време, им го должам животот“, заклучи Гудељ.