ГФК Осогово со реакција: Судиите Илиоски и Гелов повеќе не се пожелни на натпреварите во Кочани!

377

По вчерашниот меч од 8.коло во ВМФЛ во Кочани каде Осогово беше поразен од Арсими, денеска со официјална реакција од таборот на домашниот тим се огласија по повод судењето на овој меч.

Соопштението на Осогово ви го пренесуваме во целост:

ГФК Осогово ја информира јавноста дека Влатко Илиоски од Прилеп во својство на главен судија и Ангел Гелов во својство на четврт судија со намера и свесно, крајно непрофесионално дури и неетички му нанесоа голема штета на ГФК Осогово, но и на реномето и кредибилитетот на Судиската федерација при ФФМ.  

На вчерашниот првенствен фудбалски натпревар од Втората лига во Кочани помеѓу ГФК „Осогово” и „Арсими” главниот судија Илиоски на директно барање на четвртиот судија Гелов додели втор жолт картон за чист старт на нашиот млад фудбалер Михаил Николов.

Судијата Илиоски покажа зачудувачки ниско ниво на личен интегритет и професионален дигнитет со тоа што дозволи Гелов да му наложи да даде картон за старт на што бурно реагираше без исклучок целата публика на градскиот стадион „Никола Мантов”. 

Да биде небулозата поголема Илиоски повторно на барање на Гелов веднаш за приговор на неправедото казнување на фудбалерот Николов му покажа директен црвен картон на Спирко Златков кондицискиот тренер на ГФК „Осогово”. Односот на Гелов кон стручниот штаб на ГФК „Осогово”, но и кон навивачите беше најблаго речено понижувачки и навредлив.

Овие два настани внесоа силна доза на нервоза и го променија текот на натпреварот на резултат 1:1.

Кочани и „Осогово” годинава гордо и достоинствено одбележуваат 100 години фудбал во Кочани.

 Кочанската фудбалска публика важи за одмерена и гостопримлива со висока култура на почит кон гостите и судиите. Кочани во својата понова историја не памети фудбалски инцидент во кој од домашни фудбалери или навивачи биле нападнати судии или гостински играчи. 

Тоа е под нашето ниво на урбано и фудбалско живеење. Ние се гордееме со нашата мирољубивост и почит кон спортските ривали. Ние го почитуваме и практикуваме фудбалот како витешка игра во која противникот се почитува, а победата се слави џентлменски, но и поразот се прима достоинствено.

 А за нашата навивачка култура и почит, потврда континуирано даваат и љубители на фудбалот ширум Македонија. 

Но токму заради нашата фудбалска историја и реноме во оваа прилика мора да ја информираме фудбалската јавност, а воедно и раководните и надлежни структури во ФФМ и во Судиската организација дека судиите Гелов од Кавадарци и Илиоски од Прилеп повеќе не се пожелни на натпревари кои ГФК Осогово ќе ги игра на стадионот „Никола Мантов” во Кочани.

И доколку во иднина повторно бидат делегирани нашиот клуб ќе бара нивно изземање.

Воедно на фудбалерите и стручниот штаб на „Арсими” им ја честитаме вчерашната победа.

Со почит, 

ГФК Осогово, Кочани

20 октомври 2024 година

ПретходноЕве зошто Роналдо, Касиљас, Рамос го исмејувале Модриќ!
СледноСи влегол во фан-шопот на Барса и си купил дресови за 8.000 евра, ама сега ќе заработи богатство! (ВИДЕО)