Коментар на 10.коло: Шампионот не личи на шампион, фантастичен Работнички, Тиквеш без гол 465 минути…

593

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вчерашните 1:4 во Струга одекнаа силно во нашата фудбалска јавност. Силекс просто ја декласира Струга ТЛ на нејзин терен, и играчки и резултатски. Според шансите можеше да биде уште покатастрофално за четата на стратегот Ќатип Османи.

По тие 0:3 со Шкупи можеби можеше да се каже дека тоа е лош ден, но и по оваа катастрофа вчера, сега и дефинитивно може да се каже дека шампионот не личи на шампион. На трите последни меча дома два убедливи порази и само едно реми, освоен само еден од можните девет. Примени 9 голови, па така сега по 10.коло Струга ТЛ е петта на табелата со 15 бода, со четири победи, по три ремија и порази и со негативна гол разлика.

Шокантно!

Тимот кој пред стартот на сезоната сите го видоа како апсолуте фаворит за титулата, трета по ред, тим кој ги има по имиња најдобрите играчи во ПМФЛ, го има еден од најдобрите тренери и пак слабо, слабо..

Јасно е дека со заминувањето на Бесарт Ибраими мораше да се менува тактиката, Бојку уште не е заздравен, а Шабани поради повреда долго паузира. Дали ова ги поремети плановите на Ќато?

Факт е дека Струга ТЛ и во Европа речиси ништо не покажа, тие четири победи во ПМФЛ беа на “мускули“, нема игра, нема серија, нема нешто што можеш да кажеш дека тој тим е шампион.

Тешки денови пред стручниот штаб и играчите на Струга ТЛ, посебно ако се знае дека веќе во недела овој тим гостува кај Шкендија.

А Шкендија и дефинитивно “поткашлува“. Два меча во серија без постигнат гол, освоени само два од шесте можни. И затоа сега тетовци се втори со -3 бода во однос на лидерот Работнички, а Силекс опасно се заканува.

Кога сме веќе кај Работнички само еден збор – ФАНТАСТИЧНО!

Силекс лета кон врвот а Гостивар, поради своите грешки е таму каде што е, на -5 во однос на Работнички. Да трошиш десет пати повеќе пари од Работнички и пак по 10 кола да не си му рамен, е тоа е проблем.

Јасно е дека премногу е рано да се вадат генерални заклучоци, но времето си лета, еве во недела завршува првата третина од сезоната 2024/25 во ПМФЛ.

Ако е нешто јасно тоа е дека и за титулата и за опстанокот оваа сезона ќе има и повеќе од жестока битка.

Тиквеш е за Гинис, веќе 465 минути кавадарчани не знаат што е гол, да се израдуваат на постигнат погодок. Вчера против Шкендија одиграа 0:0. Реално голем бод за тимот на стратегот Ѓорѓи Мојсов, но мора под итно да се постигнуваат голови, вака само се уриваат негативни рекорди.

Имено не паметиме во последните неколку сезони еден тим во ПМФЛ да има само три гола на 10 средби, или да нема гол цели 465 минути.

Премногу е…

На останатите мечеви од ова 10.коло Беса со 2:1 го победи Вардар, а на овој меч помошниците на Качевски правеа грешки во серија, на штета на гостинот.

Пелистер и Шкупи одиграа “шаховско“ реми, а Воска со голот на Илиески во 90+3.минута успеа да дојде до 1:1 во Струмица кај Брера. Иако струмичани водеа со 1:0, но ова реми е апсолутно праведен исход ако се знае како играа гостите и колку шанси пропуштија дури и за победа.

ПретходноШокантно: Јуве објави дека го ангажирал Арда Ѓулер! Сепак….(ФОТО)
СледноТолку од 2024: Новак го откажа учеството во Париз, веројатно нема да игра ни на завршниот Мастерс во Торино!