Алкалоид ја продолжи победничката серија во Супер-лигата, на сметка на актуелниот македонски првак, Пелистер ја запиша осмата победа и остана единствениот тим без пораз. За Алкалоид ова беше прва победа во еден меч од регуларниот дел, а трета вкупно во пресметките со фаворитот, славеше во Купот на Македонија и во Супер-Купот.
Избраниците на Кирил Лазаров одиграа одлично во одбраната, тактички и физички беа максимално подготвениз а оваа средба, а според стратегот на тимот од Автокоманда овој дуел е еден од најдобрите до сега.
„Вистинско дерби, одигравме многу квалитетно, ова е можеби една од нашите најдобри партии. Еурофарм Пелистер, беше под своите можности, не знам дали можеби и ние придонесовме за тоа или се малку уморни од натпреварите во Лигата на шампионите. Јас сум го играл ова и знам дека не е лесно, да се игра ваков натпревар, а веќе со мислите да си и на дуелот со Веспрем. Ние имаме максимална почит кон нив, нивниот цел тим.
Среќни сме и задоволни, реков уште по натпреварот со Клаипеда, задоволен сум од тоа како функционираме. Некој ја чувствува и вреднува таа победа, некој не, но јас почувствував дека тоа е тоа. Се одморивме, се потспремивме за ден – ден и пол.
На сите играчи им симнувам капа, на сите како тим. Им кажав дека не ми е важно кој ги постигнува головите, важно е да функционираме како тим. И засега е така и се надевам дека ќе продолжиме така“, ни изјави Лазаров по мечот.