Нереди по болниот пораз: Фановите на Валенсија со презир кон богатиот газда – влегоа во клин со полицијата (ВИДЕО)

276

Валенсија беше поразена со 3:2 од Лас Палмас на Местаља во десеттото коло од Ла Лига. Околу 43.000 гледачи на култниот стадион беа сведоци на нов тежок неуспех на некогаш успешната Валенсија, која моментално е најлошиот тим во шпанското првенство. Валенсија уште пред сезоната беше прогласена за еден од кандидатите за испаѓање и нејзината криза трае веќе подолго време. Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски на оваа средба остана на клупата за резерви.

За Лас Палмас ова беше прва победа сезонава. Гостите беа во серија од 23 натпревари без победа, а последниот пред синоќа беше на 10 февруари, токму против Валенсија.

По натпреварот, пред Местаља избувнаа нереди. Илјадници навивачи на Валенсија се собраа пред натпреварот за да го осудат владеењето на шефот Питер Лим, а по натпреварот останаа пред стадионот и на паркингот на клубот.

Мораше да се вклучи и полицијата која ги растера навивачите, но револтираната група се упати кон седиштето на клубот кое е на само неколку метри од стадионот. Незадоволните навивачи на Валенсија запалија се пред себе и се судрија со полицијата. Обичен протест прерасна во сериозен инцидент, а повредени се неколку навивачи и полицајци.

Навивачите на Валенсија се крајно незадоволни од сингапурскиот газда Питер Лим (71), кој го презеде клубот во мај 2014 година, кога купи 70,4 отсто од акциите. Лим е сингапурски бизнис магнат кој бил брокер на акции и инвеститор на палмово масло. Сега приватниот инвеститор е фокусиран на здравството, имотот, спортот и образованието.

ПретходноАЛКАЛОИД со максимален резултат во второто коло на Европскиот шаховски клупски куп
СледноНејмар се врати на терените после 367 дена (ВИДЕО)