Кошаркарите на Работнички претрпеа нов, трет убедлив пораз во рамките на новата сезона од АБА 2 лигата. Вечерва на домашен терен, составот од Градски Парк загуби во дуел со некогашниот голем екс-ју ривал, Босна од Сараево со 74:99.
Следејќи го текот на мечот, се чини дека немаше простор за Работнички на овој меч да се понадева на добар резултат. Гостите доминираа во првите две четвртини и на полувреме заминаа со предност од 22 поени предност (32:54).
Во вториот дел, се што им беше потребно на гостинските кошаркари беше да го изменаџираат мечот и убедливата предност за победа. Работнички само во последниот период се обиде и успеа да поднамали од разликата, која и онака остана висока.
Полутак со 27 поени беше најдобар играч во составот на Работнички, додека кај Босна Ковачевиќ постигна 19 поени.