За Пелистер пресметката против Веспрем во рамките на шестото коло во Лигата на шампиони доаѓа во незгодно време, поточно два дена после поразот од Алкалоид во Супер лигата и лошото издание во Автокоманда, како и по оставката на Бранислав Ангеловски од тренерската позиција.
Дека во таборот на актуелниот македонски првак нешто не „штима“ можеше да се види на мечот против тимот на Кирил Лазаров. Иако во Битола се градеше состав кој треба да „гази“ дома, сепак на дерби дуелите засега видовме само бледа слика.
Иако во Пелистер не цветаат рози, сепак тренерот на Веспрем, Чави Пасквал е претпазлив пред натпреварот кој се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.
„Играат малку поинаков систем во однос на минатата сезона, користат многу „7 на 6“, шутираат вешто од далечина, како што видовме на нивниот меч против Спортинг, кој беше доста неверојатен. Имаат многу добра одбрана, на голот е Митревски, кој многу му помага на својот тим со своите одбрани. Имаат добри центаршутеви, па не е лесно да се игра против нив, секако, никогаш не е лесно далеку од дома во Лигата на шампионите. Мораме да се концентрираме, да ја играме своја игра, знаеме дека ова е многу важен натпревар за нив, тие играат дома, а тие се тимот кој е навистина добар пред своите навивачи. Нивните фанови создаваат навистина неверојатна атмосфера. Сигурно ќе ни биде тешко, но јас му верувам на мојот тим, сакаме да продолжиме во стилот кој не карактеризира во последните недели“, изјави Пасквал.
Мечот меѓу Пелистер и Веспрем е закажан со почеток во 20:45 часот.