Екипата на ГРК Охрид дојде до планираните бодови, но потешко од очекувањата. Во последниот меч од осмото коло во Супер-лигата го совлада Пролет со 32-29. Ова беше седма победа за ГРК Охрид, има еден пораз, и го дели второто место на табелата со Вардар 1961, кој го има истиот скор.
Лидер и натаму е Алкалоид со осум победи во исто толку одиграни натпревари, додека актуелниот бранител на титулата се наоѓа на четвртото место скор од шест победи и два порази. Што се однесува до Пролет ова беше четврти пораз, има две победи и две ремија.
Домашниот тим на стартот наиде на силен отпор од страна на гостите, но по 8-8 успеа да поведе со 12-8, позитива со која заминаа на одморот (18-14). Иако се чинеше дека охриѓани во вториот дел ќе имаа рутинска задача, сепак вака не мислеше Пролет. Се врати од негативата и дури успеа да поведе со 21-22, 22-23 и 23-24. Домаќинот се разбуди на време, со серија од 5-1 поведе со 29-25 и зачекори кон победата. На нецела минута до крајот гостите ја преполовија негативата на 29-27, но немаа време за нешто повеќе.
Ојлески со седум гола беше прв стрелец, на другата страна ист број на погодоци имаше Палески.