Македонската кошаркарска репрезентација во ноември ќе одигра два нови меча во квалификациите за пласман на Европското првенство 2025 година. Противник на „црвено-жолтите“ ќе биде селекцијата на Литванија. Првиот меч нашите кошаркари го играат на домашен терен во „Кале“ на 21 ноември, додека три дена подоцна е реваншот.
Литванија го одреди местото на одигрување на средбата на која е домаќин, тоа ќе биде градот Клаипеда, кој се наоѓа на Балтичко Море. Арената во која ќе играме има капацитет од 6.200 гледачи.
Литванија долго време ја памети Македонија, во 2011 година на Европското првенство, нашата репрезентација славеше во неверојатен меч и се пласираше во полуфиналето.
Македонија во квалификациите за пласман на ЕП 2025 година има победа и пораз, дома беше совладана од Естонија, на гости победи против Полска.