Пред дуелот со Веспрем во Битола се случија промени на тренерската позиција. Бранислав Ангеловски поднесе оставка на клупата привремено се врати Звонко Шунодвски, а додека по вечерашниот пораз од унгарскиот тим на официјалната прес-конференција се појави Алексо Лембанов. Токму тој го коментираше убедливиот пораз од 23-30.
„Општо познато во ракометот е дека игравме против една од екипите која е фаворит за титулата во Лигата на шампионите. Чест беше за сите нас да играме против таков ривал и да покажеме тоа што знаеме. Точно е дека времето беше кратко, во еден ден подготвувавме меч и заздравувавме од претходниот. Веспрем имаше добра транзиција од одбрана во напад и ни направи доста проблеми во таа транзиција, додека во поставена зона бевме сосема коректни. Повторно се провлекоа грешки од минатото, во име на техничките грешки и загубените топки“, изјави Лембанов.
Слично на Лембанов размислува и Павле Атанасијевиќ, кој не заборави да и се заблагодари на публиката која дојде во голем број и овој пат.
„Како што кажа тренерот Лембанов, игравме против тим кој е еден од најсилните во Европа, што е конкурент за освојување на ЛШ. Беше чест да се игра против Веспрем. Дадовме се од себе, иако имавме еден ден подготовка. Би сакал да се заблагодарам што публиката дојде на овој натпревар и не поддржа“, изјави Атанасијевиќ.