Во недела со мечевите од 11.коло завршува првата третина од новата сезона. Под Шара играат Шкендија и Струга ТЛ, но сепак најголемо внимание предизвикува дуелот на најтрофејните, старата скопска класика, „Соседското дерби бр.77“ меѓу Вардар и Работнички.
Овој натпревар се игра на Националната Арена “Тодор Проески“ во Скопје со почеток од 13 часот.
Јасно е дека Вардар осоколен по вчерашната победа над Тиквеш во Купот на Македонија и пласманот во 1/4 финалето и тоа како има намера да оди на победа против Работнички. Од друга страна Работнички кој е лидер и кој е единствен кој досега нема пораз во новата сезона во ПМФЛ, си има свои сметки. Овој тим е во мала предност и не само поради подобрата форма туку и поради фактот дека вчера не играше во Купот, по елиминацијата на стартот во ова натпреварување. Јасно е дека ќе биде поодморен.
Кога сме кај традицијата досега овие две екипи се сретнале 76 пати а Вардар има подобар биланс и тоа 33 победи, 25 порази и 18 ремија со гол разлика 94:79.
На последниот меч одигран во април исто на Арената, Работнички славеше со 2:0. Инаку на последните три меѓусебни средби Вардар има две победи.
И на Вардар и на Работнички бодовите им се екстра значајни. На првите да избегаат од опасната зона на табелата, на вторите да останат на чело на табелата во ПМФЛ.