Ех, Благоја, Благоја: Од седуммина Македонци кои играат во Европа, селекторот смета само на тројца!

4939

По очајните настапи и резултати во изминатата година, селекторот Благоја Милевски со победите во Ц Лигата на Нации против Летонија и Ерменија си “купи“ каков – таков мир. Веќе сме во Б Лигата на Нации, секако дека е успех, но не и за еуфорија ако се знае дека конкуренти ни беа “третокласни“ репрезентации.

Од победите над Германија и Италија на гости, дојдовме до тоа да се радуваме еуфорично против Летонија, но тоа е тоа.

Тоа е јасно и тука нема дилеми. Но едно не е јасно, имено изминатите неколку дена се играа натпреварите во ЛШ, ЛЕ и ЛК. И таму играа или беа на список седуммина Македонци. Бојан Миовски, Елиф Елмас, Стефан Ристовски, Аријан Адеми, Бобан Николов, Дамјан Шишковски и Себастијан Херера, Колумбиец со македонски пасош кој во неколку наврати истакнувал дека сака да игра за нашата земја. А игра во Борац Бања Лука и важи за еден од клучните играчи, а тој Борац настапува во ЛК. Таму се и Николов и Шишковски.

И од сите овие селекторот Милевски смета само на Миовски, Елмас и Шишковски иако е тој резерва и во тимот и репрезентацијата!

Познато е што се се случуваше со капитените на Динамо Загреб, Ристовски и Адеми, првиот оваа недела е во идеалниот тим на ЛШ (н.з го виде ли тоа Милевски), исто така изјавата и на Николов за Милевски.

Тоа се знае, да не повторуваме. Но прашање е што направи Милевски да ги “среди“ работите со овие тројца. Не навлегуваме во тоа зошто дојде до таква нетрпеливост, иако Горан Пандев ги кажа причините токму за „СпортСпорт“, Милевски не смее да си дозволи играч кој е во идеалниот тим на колото во ЛШ да биде надвор од репрезентацијата.

Не смее, никако.

Познато е дека А репрезентацијата и селекторот Милевски си имаат проблеми со бековите. Ашковски и Димоски играат на тие позиции, тука е и Алиоски, но тоа не е тоа.

Замислете во репрезентацијата да ги имаме Херера како класичен лев бек а Ристовски на десната страна. Тука да бидат и Адеми и Николов, замислете каков квалитет плус тие ќе донесат.

Да повикаш некого во репрезентацијата тој треба и да сака да игра, но ако тој вели дека селекторот е виновен зошто тој не доаѓа, е тогаш треба да видиш дали проблемот е во тебе. Или па некој друг ти го прави списокот, трето нема.

Македонија како мала земја нема широк фонд на играчи, посебно ако се знае дека повеќе од половина на кои смета Милевски или имаат премала минутажа или пак немаат никаква.

Токму затоа на нас секој играч кој поседува квалитет и тоа како ни е неопходен.

И тоа како. Посебно ако е во форма и ако игра во Европа.

Дека некои работи одат предалеку е новата шпекулација, којзнае можеби е и вистина, дека за мечевите со Летонија и Ф. Острови во ноември, повик за А репрезентацијата ќе добие Бехар Фета од У-21 што е позајмен од Марбор во Домжале.

Замислете…

ПретходноСтруга ТЛ ги суспендирала Радески, Радиќ и Воша, помилувани биле Јевтоски и Влајковиќ!
СледноФилип Кузмановски стана татко! (ФОТО)