ШК Алкалоид е нов европски вицешампион!

74

Во последното седмо коло на Европскиот Клупски Куп, шахистите на Алкалоид го одиграа својот најдобар меч, и убедливо триумфираа над францускиот „Шартре“  со 5:1 за нова Европска Вицешампионска титула.

Арјун Еригаиси на првата табла ремизираше со легендарниот украински шахист Василиј Иванчук, кој во минатото исто така играше за „фармацевтите“. Со црни фигури беше и С. Л. Нарајан на петтата табла кој го подели поенот со Максим Лагард. На останатите четири табли беа извојувани убедливи победи: Веи Ји  го совлада Маркандрија Маурици водејќи ги белите фигури на втората табла, а неговиот сонародник Јангји Ју со црните триумфираше против Лорен Фресине. На четвртата и шестата табла Читамбарам Аравинд со бели освои цел поен против Даниел Дарда, додека Александар Инѓиќ го заокружи настапот со уште една победа, овојпат против Кристијан Бауер.

Триумфот во последното седмо коло им донесе два бода на играчите на Алкалоид, со што тие стигнаа до вкупно 12 бода. Турнирот го завршија со пет победи, два нерешени резултат и без пораз во меч.

Од поголемата група на екипи која имаше 10 бода по шесте одиграни кола, ниту една друга не успеа во финишот да оствари победа: „СуперЧес“ беше поразен во дербито со „Нови Бор“, додека двобојот на „Бајеган Пендик“ и „Туркиш Ерлајнс“ заврши со нерешен резултат, исто како и оној на „Тајфун“ против „Сентименто Ајка“.

На овој начин, „Нови Бор“ стигна до третата европска титула со 13 бода, еден повеќе од „Алкалоид“.

За ШК Алкалоид ова е трет пат како е остварен пласман меѓу првите две екипи на Стариот континент, при што во 2016 година Алкалоид беше Европски Шампион, а во 2017 година беше освоено второто место.

Успехот на екипата е резултат на одличната игра на сите шахисти, од кои најголем дела освоија и медали за индувидуални резултати.

Еригаиси играше извонредно на првата табла и освои златен медал, како и Ју Јангји на третата табла. Александар Инѓиќ на шестата табла освои сребрен медал, а Аравиндитх Читамбарам на четвртата табла стигна до бронзениот медал!

Со овој резултат ШК Алкалоид се вбројува меѓу најуспешните екипи на „шаховската Лига на Шампионите“ во последните десетина години, и најуспешните спортски колективи во нашата држава.

ПретходноБинго: Алкалоид ме потсетува на Порто!
СледноПМФЛ: Супер – дерби под Шара, Шкендија спрема одмазда, ќе биде „жешко“ на Чаир, забревтаниот Силекс ја дочекува Беса