Коментар на 11.коло: Шкендија три меча во низа е без победа, Силекс не се шегува…

674

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вчера се одиграа натпреварите од 11.коло со што и дефинитивно заврши првата третина од новата сезона во ПМФЛ. Супер – дерби под Шара кое заврши со 1:1. Шкендија и Струга ТЛ одиграа интересен и квалитетен меч, на кој ако имаше ВАР ќе завршеше со 1:2 и победа на шампионот, јасно е дека тука мислиме на поништениот гол на Влајковиќ поради офсајд, а истиот беше чист како солза.

Голем бод за стружани кои оваа есен играат лошо, не личат на шампион, а Шкендија и дефинитивно си има проблем. Ова е веќе трет меч во низа на кој составот на стратегот Јетон Беќири не знае за победа. Од девет можни освоени се само три бода, вака не се освојуваат титули. Па така сега Шкендија дозволи Силекс и Гостивар да ја стигнат и сега сите овие три тима имаат по 20 бода, додека лидерот Работнички има три бода повеќе. Работнички дојде до бод против Вардар во соседското дерби, но ако барем една шанса реализираше сега ќе беше на +5.

Силекс ја победи Беса. Силекс не се шегува. Силекс се заканува, Силекс оди на титула. А зошто да не? На последните пет меча три победи и две ремија. Од можни 15 бода освоени се 11 и ете го тимот на стратегот Александар Васоски на делба на втората позиција по првиот круг. Опасен ќе биде овој Силекс. За разлика од Шкендија и Гостивар, кратовци не се под притисок, а тие тимови се најопасни. Уште ако во среда успее да му го нанесе првиот пораз на Работнички на дербито во Кратово, ете го Силекс на лидерската позиција.

За разлика од Силекс составот на Брера паѓа ли паѓа. Вчера поведе на Маџари кај Гостивар со 0:1, а после потоп. Силниот домашен тим со четири прекрасни голови, посебно фантастичен беше оној првиот на Ајдоган, ги декласира струмичани. А Брера во среда му оди на нозе на Вардар. Ете проблеми за тренерот Горазд Михаилов, неговиот тим е деветти на табелата. Мора подобро ако се сака да не се најде меѓу оние екипи кои жестоко ќе се борат за опстанок.

Тиквеш по цели 490 минуи постигна гол, но сепак загуби убедливо на Чаир, Пелистер едвај се спаси во Охрид кај Воска.

Веќе во среда на програмата е 12.коло.

ПретходноРодри пред една недела разбрал дека треба да оди во Париз
СледноМанчестер Ј. почна преговори за нов тренер, меѓу кандидатите и двајца селектори