Играчот од средниот ред на Шпанија и Манчестер Сити, Родри, ја освои „Златната топка“ на Франс Фудбал и УЕФА за најдобар играч на сезоната, церемонија којашто Реал Мадрид ја бојкотираше.
Причината за бојкотот на мадридскиот гигант е тоа што Винисиус Жуниор не беше победник. Во Реал беа сигурни дека ќе биде така, но кога до нив стигна информацијата дека нивниот и крилниот напаѓач на Бразил нема да го добие признанието, па решија да не присуствуваат на церемонијата.
Родри, првиот Шпанец со оваа награда од 1960 година, признанието го заслужи водејќи ја репрезентацијата до европската титула на турнирот каде што беше прогласен и за најдобар играч. Со Манчестер Сити ја освои и Премиер-лигата, Светското клупско првенство и Суперкупот на Европа.
И додека во Реал Мадрид решија да не бидат дел од вчерашната церемонија, па никој не им ги понесе освоените награди, во Барселона решија да пристапат поинаку. Таа вечер го прослави Ламине Јамал, добитник на наградата за најдобар млад играч, Ајтана Бонмати, најдобра фудбалерка на светот и својот женски тим, а на социјалните мрежи го објави своето доаѓање на наградите.
Фудбалскиот портал Goal е сигурен дека оваа објава била провокација на сметка на вечниот ривал Реал, па пишува дека „Барселона не можела да одолее да се потсмева на бојкотот на Златната топка од страна на Реал“.
Ова е заклучокот на порталот откако официјалниот профил на Златната топка објави видео и добредојде во тимот на Барса.
„Навистина ни е чест што сме овде. Ви благодариме на Златната топка за толку убавото и топло добредојде“, напишаа од Барселона.
🤵♂️ We are truly honored to be here. Thank you, @ballondor, for such a warm and gracious welcome. 🤝#ballondor https://t.co/bSO4j6Jokq
— FC Barcelona (@FCBarcelona) October 28, 2024