Кошаркарот на Јута Џез, 21-годишниот Тејлор Хендрикс беше изнесен од теренот на носилки за време на гостувањето на неговиот тим во Далас, откако во третата четвртина од натпреварот се здоби со скршеница на десната нога додека трчаше кон кошот. Според информациите има и дислоциран скочен зглоб.
Младиот кошаркар на Џез во моментот на повредата не бил во контакт со никого. Хендрикс, кој е деветти пик на минатогодишниот драфт, ја игра втората сезона во НБА. Првата го заврши со просечни 7,3 кошеви и 4,6 скока за 21 минута во просек низ 40 натпревари.
Повредата со која се здоби Хендрикс ги шокираше играчите и публиката во арената на Далас. Многумина ги стискаа главите додека со неверување гледаа што му се случило. Тој беше изнесен од салата на носилки под аплауз на публиката. Далас победи со 110:102.