Без шанса за реванш, Порто го демолираше Вардар

247

Сонот на Вардар 1961 за пласман во следната рунда целосно згасна. „Црвено-црните“ во Порто не беа ниту блиску од она што го одиграа во Скопје, на гостувањето кај португалскиот тим беа совладани со убедливи 37-24. За македонскиот тим ова беше трет пораз, има една победа против Валур.

Срдановиќ со шест гола од осум обиди беше прв стрелец, зад него беше Крсманчиќ со три гола. Еспиња имаше четири одбрани, додека Гогов три. На другата страна Маркес повторно беше во елемент, запиша 17 одбрани.

Вардар 1961 имаше сили до 12-та минута кога беше во негатива од два гола (8-6). Од овој момент домашниот тим полека почна да ја гради позитивата. Една серија од 4-0 му донесе водство од 15-8, пред одморот позитивата изнесуваше осум гола разлика (17-9).

Целосниот колапс на „црвено-црните се случи пред средината на второто полувреме кога Порто со серија од 4-0 поведе со 27-15 и потврди дека овој меч ќе оди во еден правец.

Паузата поради ЕХФ неделата доаѓа во вистинско време за Вардар 1961, наскоро треба да го добие новиот тренер и да се подготви за мечот со Валур, кој е закажан за 19. ноември.

ПретходноКривањева: Не и личи на Струга ТЛ да биде на оваа позиција на табелата!
СледноНено одличен, ама Олимпија Милано поразена кај Басконија!