Поранешниот фудбалер на Рома, Винченцо Монтела даде коментар за моменталната ситуација со „волците“. Работите изгледаат од лошо кон полошо за римскиот гигант, со поразот од 5-1 на гостувањето кај Фиорентина се чини дека совршено ја опишува моменталната состојба на целиот клуб.
Монтела, кој моментално е селектор на Турција, вели дека страда поради тоа што се случува во клубот со кој го крена Скудетото во 2001 година.
Поранешниот репрезентативец на Италија сè уште се надева дека прашањата ќе бидат решени наскоро, но како и другите легенди на „волчицата“, тој смета дека во моментов Рома едноставно нема идентитет и дека тимот нема „душа“.
„Многу е тажно да се види се што се случува бидејќи ја сакам Рома и навистина ми е тешко да гледам од страна. Ситуацијата е прилично непријатна, а се се распадна буквално за еден месец. Не сум тој што треба да коментирам дали ослободувањето на Де Роси беше правилна одлука, но жал ми е за него бидејќи тој е мој пријател и вистинска легенда на Рома. Сепак, се надевам дека ќе се најде решение, бидејќи грдо е клубот да изгледа вака и да нема душа и идентитет.
Навивачите и тимот изгледаат поподелени од кога било, и додека играчите не ги вратат навивачите на своја страна, оваа болка ќе продолжи. Ако некој од клубот ме побара и ми понуди работа, дефинитивно ќе размислам. Да, јас сум селектор на Турција, но Рома е нешто многу посебно за мене и доколку ми се обратат сопствениците, сериозно ќе размислам за таква можност.
Се надеваме дека ситуацијата наскоро ќе се стабилизира, бидејќи на хартија Рома има состав кој може да игра во Лигата на шампионите, барем тоа е мое мислење, но за жал, реалноста е сосема поинаква“, изјави Монтела.