Машката одбојкарска репрезентација на Македонија трета година во низа ќе биде дел од силното континентално натпреварување, Златната Европска лига, откако Извршниот одбор на Одбојкарската федерација на Македонија донесе одлука да достави апликација до Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) за учество во изданието во 2025 година. Машкиот национален тим од 2014 година константно е дел од годишните натпреварувања на ЦЕВ и досега има освоено четири бронзени и два сребрени медали.
Извршниот одбор на Федерацијата даде „зелено светло“ и за учество на женската сениорска репрезентација во рамките од ЦЕВ Сребрената Европска лига 2025. Нашите најдобри одбојкарки втор пат во својата историја ќе бидат дел од ова натпреварување, откако претходно дебитираа во изданието во 2023 година.
За машкиот и женскиот национален тим натпреварите од Златната, односно Сребрената Европска лига 2025 кои се на програмата во периодот мај – јуни следната година ќе претставуваат генерална проба во пресрет на реванш фазата од евро – квалификациите, кои се играат во август 2025 година.