Винисиус Жуниор се уште е тема на светските медиуми, а причината е „Златната топка“ која му припадна на играчот од средниот ред Родриго, кој со шпанската репрезентација го освои Европското првенство и со Манчестер Сити Премиер-лигата.
Многумина мислат дека овој избор му нанесе неправда на бразилското крило кое со Реал Мадрид ги освои Лигата на шампионите и шпанското првенство, а особено така мислат во Реал, поради што ја бојкотираа церемонијата во Париз. Винисиус смета дека причината поради која е втор, а не прв во прес-гласувањето за добитникот на наградата е неговата борба против расизмот. Ова го пишува Ројтерс повикувајќи се на луѓе блиски до 24-годишниот напаѓач на клубот.
„Ова ќе го направам уште десет пати. Тие не се подготвени“, беше пораката што Винисиус ја објави на социјалните мрежи откако не го освои трофејот. Ројтерс контактираше со луѓето кои раководат со неговата кариера за да го дознае одговорот на прашањето што точно значи пораката.
Одговорот е дека Винисиус „се осврнал на својата борба против расизмот“, пишува Ројтерс и додава дека контактираните мислат дека тоа е причината поради која не ја добил наградата.
„Фудбалскиот свет не е подготвен да прифати играч кој се бори против системот“, цитира соговорник од кругот на луѓе кои раководат со кариерата на играчот, кој е честа мета на расистички скандирања на натпреварите во Шпанија.