Тренерот на Наполи, Антонио Конте изјави дека би било чудо тимот да ја освои титулата, но тоа не значи дека нема да се стремат кон тоа. Синоќа со 2:0 го совлада Милан на „Џузепе Меаца“ и имаат седум бода предноста на табелата во Серија „А“ пред второпласираниот Интер.
„Не се криеме, се трудиме да бидеме реални. Нашите резултати досега се фантастични, не сонував за ваков почеток. Имам одредени успеси зад мене и тоа со себе носи очекувања. Знаеме која е нашата цел, поточно враќање на европските турнири. Мислам дека е прв пат по 14 години Наполи да не се вклучи во нив. Уште пет-шест тима го сакаат истото. Да потсетиме, Наполи минатата сезона заврши 41 бод зад шампионот. Сакаме да ги натераме навивачите да сонуваат, но мора и да ги држиме нозете цврсто на земја“, истакна Конте.
Искусниот стратег е задоволен од она што го прават, а како главен предуслов е одличната атмосфера во тимот.
„За само 4 месеци успеавме да изградиме цврста основа и се осмелувам да кажам дека поединците се подредени на тимот. Ова е еден од најдобрите состави што сум ги имал во кариерата. Атмосферата е одлична, што е предуслов за успех. Луѓето во Неапол се емотивни и деновите по натпреварот се многу тешки ако тимот не победил. Сакам навивачите да се гордеат со фудбалерите и мислам дека денеска има причина за тоа“, прокоментира искусниот специјалист.