Ханси Флик успеа да го заживее тимот на Барселона со кој забележа одлични резултати во досегашниот дел од сезоната, а одлично го искористи и играчкиот кадар со кој располага. Неколку млади играчи максимално ја искористија шансата што им се укажа, но има и такви кои не се многу задоволни од својата минутажа и веќе размислуваат за заминување од Барселона во јануари.
Ова најмногу се однесува на Феран Торес за кого веќе извесно време се пишува дека ќе го смени клубот во јануари, но се чини дека тоа не е единствениот шпански репрезентативец.
Каталонски Спорт објави дека Ансу Фати, кој не успеа премногу да се наметне во досегашниот дел од сезоната, би можел да ја напушти Барселона во зимскиот преоден рок.
Фати имаше неколку шанси на претходните натпревари, но не импресионираше. Неговиот агент Мендеш веќе е во контакт со клупските челници бидејќи сака да види какви се плановите со Фати бидејќи младиот играч не сака да биде резерва цела сезона.
Затоа Фати сака да го напушти клубот веќе во јануари и се надева дека Барселона ќе го пушти на позајмица бидејќи веќе има неколку клубови кои би сакале да го видат овој напаѓач во своите редови.
Тука најмногу се истакнува Севиља која летово сакаше да го донесе Фати на позајмица, а за него се уште е заинтересиран клубот од Андалузија.
Спорт наведува дека и Флик нема ништо против заминувањето на Фати, бидејќи и самиот верува дека е подобро да замине некаде каде што ќе има можност да игра и да се обиде да се докаже и на тој начин да се наметне.
Барселона одбива да го продаде Фати и јасно му ставиле до знаење на Мендеш дека единствена опција е тој да замине на позајмица, а потоа следното лето да има посериозна дискусија за иднината на овој играч во каталонскиот клуб.
Фати оваа сезона одигра пет натпревари и вкупно 133 минути, поради што е јасно дека не е многу задоволен. И минатата сезона беше на позајмица во Брајтон, но Флик реши да го остави во тимот ова лето бидејќи имаше добри настапи на подготовките.
Сепак, лоша среќа за овој 21-годишен фудбалер беше повредата која ја заработи непосредно пред почетокот на сезоната, поради која извесен период беше надвор од составот, а другите знаеја како да го искористат тоа отсуство.