Младата фудбалска репрезентација на Македонија за играчи до 17. години денеска го стартуваше квалификацискиот турнир во Рејкјавик и на стартот претрпе тежок пораз.
Во дуелот со домаќинот на квалификацискиот турнир, селекцијата на Исланд, избраниците на селекторот Раде Каранфиловски загубија со високи 4:1 во меч во кој имавме и удар од белата точка, но не успеавме да го реализираме.
Исланд поведе преку Сваерсон во 30. минута, а само шест минути подоцна со голот на Олсен домашните имаа и 2:0.
Во вториот дел Исланд со нови два гола веќе дојде и до 4:0. Головите ги постигнаа Кристјансон и Дадасон. Потоа во 79. минута Грашески промаши пенал, за почесниот гол да го постигнеме во 93. минута преку фудбалерот на Вардар, Марковски.
Во рамките на 2. коло се среќаваме со фаворитот Шпанија, која ја совлада Естонија во ова коло со 4:0.