Пелистер продолжува со предизвиците во Лигата на шампиони. Актуелниот македонски првак веќе утре му гостува на тимот на Фредериција во рамките на седмото коло во ова натпреварување. Токму овие два тима се на долниот дел од табелата во групата А, со тоа што противникот на битолчани има два бода, еден повеќе од нив.
Звонко Шундовски, кој е ставен како привремено решение на тренерската позиција го најави овој дуел. Тој и неговите момци добро го имаат анализирано противникот.
„Станува збор за добар тим, самиот факт дека доаѓа од Данска, а знаеме што значи тоа во европскиот и светски ракомет. Играат типичен дански ракомет, брз и модерен со многу шутеви од надвор. Имаат екипа која составена од микс од квалитени дански и стански играчи, преферира брз ракомет, игра „еден на еден“, но може да се направи добар резултат“, вели Шундовски.
Искусниот стратег потенцира дека атмосферата е на многу повисоко ниво и верува дека Пелистер има добар состав.
„Говорот на телото за нашите играчи е подобар, повеќе се фокусирани на нивната работа. Верувам дека имаме добра екипа, која до година ќе ги покаже своите резултати и ќе го освои пред се домашнот првенство, а нормално и бодови во Лигата на шампиони.
Тие имаат самодоверба по Висла, но тоа нас не треба да не интересира, спремни да пружиме добра игра и да оствариме добар резултат. Со правилен и добар пристап имаме шанси, ова го размислуваат сите ракометари“.
Мечот меѓу Фредериција и Пелистер е закажан со почеток во 18:45 часот.