Денеска од 13 часот ќе се играат сите шест средби од 12.коло или прво во вториот круг во тековната сезона. Дербито се игра во Кратово каде третопласираниот Силекс го дочекува лидерот Работнички. Гостите од Скопје засега се единствените кои немаат пораз. Дали забревтаниот Силекс ќе успее да го победи тимот од Дебар Маало и да покаже дека нема непобедливи?
Од друга страна Работнички посакува и натаму да е прв на табелата и по ова коло, и затоа ќе мора на овој меч да дојде макар до бод:
„Првенството повторно влезе во забрзан ритам. Денеска нѐ очекува дуел против Силекс во Кратово, едно сериозно искушение за нашиот тим, но ние сме подготвени да одговориме на предизвикот. Силекс е одличен тим, посебно добро игра на домашен терен, но ние сме полни со самодоверба и се надеваме на успех“ изјави играчот за врска на Работнички, Дин Аломеровиќ.
На Арената во Скопје се среќаваат Вардар и Брера. Екстремно важен меч и за двата тима, и на двата тима трите бода им се неопходни. Секако дека се очекува голема битка. Струмичани доаѓаат со Горазд Михаилов како тренер. Да потсетиме дека тој во првото коло во Струмица го предводеше Вардар против сегашниот негов клуб.
Тиквеш заборавил кога последен пат славел во еден првенствен меч. Денеска по 38 дена конечно се враќа дома и во Кавадарци го пречекува шампионот. И на гостите од Струга ТЛ им “гори“, сезоната си минува а тие никако да се доближат до оние екипи кои се во горниот дел на табелата.
На останатите средби во ова денешно коло се среќаваат Шкендија – Беса, Гостивар – Пелистер и Шкупи – Воска.
ДВОЈКИ ЗА 12.КОЛО – ДЕНЕСКА (13 Ч)
Кавадарци: Тиквеш – Струга ТЛ
Тетово: Шкендија – Беса
Кратово: Силекс – Работнички
Скопје: Вардар – Брера
Скопје: Гостивар – Пелистер
Охрид: Воска – Шкупи
ТАБЕЛА
Работнички 23, Шкендија 20, Силекс 20, Гостивар 20, Шкупи 16, Струга ТЛ 16, Беса 12, Пелистер 12, Брера 12, Тиквеш 8, Вардар 8, Воска 7