Во редовите на денешниот противник на Пелистер, тимот на Фредериција настапуваат добро познати имиња за битолската јавност. Данецот Себастијан Хенеберг и Кубанецот Рение Табоада, ќе бидат лидери во данскиот тим во пресметката со актуелниот македонски првак.
Табоада за првпат откако си замина од Битола ќе игра против Пелистер.
„Секогаш е посебно кога ќе играш протим тим за кој си настапувал во минатото. Ќе биде специјално чувство да излезам на терен против Пелистер, бидејќи и во клубот и во играчкиот кадар има доста луѓе кои ги знам од порано. Ќе биде прекрасно повторно да ги видам тие лица… Што се однесува до самиот меч, верувам дека ќе се игра во високо темпо бидејќи двата тима многу посакуваат да стигнат до бодовите. Мораме да се фокусираме на одбраната бидејќи Пелистер има неколку квалитетни офанзивни играчи што ќе мораме да ги запреме. Играме се подобро на секој нареден меч во ЛШ, очекувам тој тренд да продолжи и против Пелистер“, изјави Табоада.
Мечот меѓу Фредериција и Пелистер е закажан со почеток во 18:45 часот.