Коментар на 12. коло: Шампионот се враќа, лидерот само со бод, ќе биде лудо во битката за титулата!

366

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вчера се одиграа сите мечеви од 12.коло, со тоа стартуваше и вториот круг од тековната сезона во ПМФЛ. Солиден фудбал, изненадување во Охрид, Шкендија тешко до трите бода, кикс на Гостивар, победа на Брера на Арената, лидерот само со бод во Кратово. Тоа „само“ подолу ќе го објасниме.

Сега прво за Кавадарци, за Тиквеш и секако за Струга ТЛ. Шампионот и тоа како се враќа во игра во битката за титулата, сега е само на -5 бода во однос на лидерот Работнички. На две тешки гостувања, Тетово и Кавадарци, Струга ТЛ освои 4 бода и ете ја тука, при врвот. Секако, Струга ТЛ имаше среќа вчера, на 0:0 домашните не реализираа пенал, но веќе не вреди да се потсетуваме на кавадарчани оваа есен во поглед на реализацијата. Ова е нешто невидено.

И во манир на голем клуб, Струга ТЛ преку Илиевски го казни Тиквеш и трите бода заминаа покрај езерото.

Работнички испушти голема, златна шанса да слави во Кратово на дербито. И затоа велиме само бод.

Имено момците на стратегот Станиќ водеа, играа речиси перфектно во одбраната, имаа и играч повеќе и тогаш во таа 76.минута домашниот напаѓач Алиќ опкружен од целата одбрана на гостите, успеа да постигне прекрасен гол и да им откине два бода на избраниците на Станиќ. Несфатливо е како реагираше одбраната на Работнички во тој момент, четворица на еден и пак прими гол. Сепак тоа е фудбалот, одлучуваат детали а на крајот Силекс иако играше со играч помалку можеше да дојде до комплетен пресврт.

Кога сме кај битката за титулата лани тоа беа три тима кои водеа фудбалска војна во текот на целиот шампионат. На крајот истата заврши со триумф на Струга ТЛ, со европската радост за Шкендија и дебакл за Шкупи. Беше интересно во секој случај.

Оваа сезона ќе биде лудо, ќе биде уште поинтересно. Можеби во нашата ПМФЛ нема којзнае каков квалитет, но затоа ќе биде лудница како за титулата така и за опстанокот.

Работнички 24, Шкендија 23, Силекс 21, Гостивар 21, Струга ТЛ 19 па и Шкупи 16 ако почне да победува во серија, и дефинитивно се екипите кои бијат и ќе бијат битка за титулата или за тие второ и трето место кои водат во Европа.

И на крај за победите и радосните моменти.

Во победите треба да си голем, да не искажуваш премногу еуфорија. Посебно ако си шеф на струката зошто во фудбалот е многу тенка линијата меѓу победата и поразот.

Ова нека си го сфати кој како сака…

ПретходноШтип УГД и Борец со три од три на стартот на сезоната
СледноКлоп за Рамос: “Дали тој навистина е добар човек? Не го сфаќам тој менталитет, сум немал такви играчи!“