Вардар 1961 со фуриозен финиш го среди Охрид (ФОТО)

183

Вардар 1961 изелзе како победник во дерби пресметката за второто место во Супер-лигата против ГРК Охрид, откако на домашен терен славеше со 29-26. За „црвено-црните“ ова беше деветти триумф, со два бода помалку заостануваат зад лидерот Алкалоид, додека пак ГРК Охрид со вториот пораз го дели третото место со актуелниот првак Пелистер.

Петриќ, една од причините за победа на скопскиот тим, постигна шест гола, зад него со по пет погодоци беа Крсманчиќ и Срдановиќ. На другата страна Пешиќ имаше седум гола.

Двата тима го оправдаа епитетот дерби на 10-то коло, беше доста изедначено, со бројни пресврти. Избраниците на Стевче Алушовски поведоа со 7-10, но следеше серија од 7-0 на „црвено-црните“ за водство од 14-10. На одморот резултатот беше 14-11.

Охриѓани тргнаа силно во вториот дел, со четири гола во низа го превземаа водството 14-15, на другата стрна Срдановиќ после пет и пол минути игра го постигна првиот погодок за својот тим за 15-15. Нешто подоцна ГРК Охрид повторно дојде на плус два 18-20, но домаќинот успеа да се врати и да изедначи. На средината на вториот дел беше 20-20.

На осум минути до крајот со погодокот на Николиќ, Вардар го врати минималното водство 24-23, но неизвесноста продолжи, Цирар не му дозволи на домаќинот да фати залет 24-24.

Сепак охриѓани влегоа во криза. По првиот погодок на Јагуриноски за 25-24, Еспиња запиша важна одбрана, а Петриќ со два гола донесе плус три на својот тим 27-24 во 56-та минута. Алушовски повика тајм-аут, но истиот не вроди плод, неговите момци не реализираа, Срдановиќ од седум метри казни за 28-24.

 

На останатите средби, Пелистер ја оправда фаворитската улога против Бутел Скопје, славеше со 24-29. Филип Кузмановски беше стрелец на девет гола ка победникот, на другата страна Филип Николов имаше седум. Пролет пак славеше кај Радовиш со 20-28.

ПретходноЕмини погоди за Сондерјиске во убедливиот пораз на домашен терен (ВИДЕО)
СледноАмериканката Смит го собори рекордот и на 200 метри грбно