ИН МЕМОРИАМ: Почина Јове Магдески, прилепскиот фудбалски велемајстор

223

Згасна животот на еден од најголемите мајстори на прилепскиот фудбал кој остави силен белег во историјата на овој спорт во градот под Маркови Кули. ФК Победа на својата официјална страница сподели тажна вест, почина Јове Магдески (1963-2024).

„Со неизмерна тага и длабока почит известуваме дека не напушти Јове Магдески – мајсторот на фудбалската игра, кој со својот талент го прослави Прилеп и остави неизбришлив белег на фудбалското поле. Јове Магде, како што го нарекуваа прилепчани, беше вистински уметник со топката.
 
ФК „Победа“ и прилепската публика засекогаш ќе го паметат бројот 8 како симбол на неговата величина. Пасовите на Јове „имаа очи“, а неговите слободни удари беа „половина гол“. Беше дел од најдобрата генерација на клубот, оставајќи трајна инспирација за сите идни генераци.
Покрај мајсторството на локално ниво, неговата фудбалска вештина беше забележана и пошироко – како член на аматерската репрезентација на СФРЈ, одигра 30 натпревари и се закити со златен медал на Балканијадата во Грција. Иако имаше можности да заигра за некој од тимовите од југословенската „голема четворка“, тој остана верен на својата „Победа“ и на градот Прилеп, што само ја потврдува неговата искрена љубов и лојалност.
Во негова чест, пред почетокот на следниот натпревар на нашиот клуб ќе одржиме едноминутно молчење, како последен поздрав за неговото дело. Нека овој миг биде спомен на неговата незаборавна игра, љубов и посветеност.

Изразуваме длабоко сочувство до неговото семејство, пријателите и сите кои го сакаа и почитуваа. Почивај во мир, Јове“, стои во известувањето на клубот. 

ПретходноВМФЛ: Дерби во Ѓорче, “лавовите“ на мегдан со штипски “сини“…
СледноАндреа Седлоска: Мојот татко е мојот извор на инспирација и гордост!