Перез почнува да го губи трпението со Анчелоти!

334

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез почнува да го губи трпението со тренерот Карло Анчелоти, тврди „Релево“. Шефот е доста разочаран од настапот на тимот од стартот на сезоната и неубедливите резултати. Затоа го подигна окото на италијанскиот стручњак и сега се повеќе размислува дали е време за промена на тренерската позиција.

Перез имаше разговор со Анчелоти и побара итно подобрување и на резултатите и на перформансите на тимот. Најмногу е разочаран од настапот на натпреварите со Лил и Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите.

Шефот смета дека со на располагање играчи како Килијан Мбапе, Винисиус Жуниор, Џуд Белингем и Родриго, Реал треба да игра многу подобар и поатрактивен фудбал. Флорентино е незадоволен од начинот на кој во моментов се користи Белингем, како и од фактот дека младите таленти Ендрик и Ѓулер добиваат премалку минутажа. Тој, исто така, притиска Едуардо Камавинга да стартува во дефанзивниот среден ред на сметка на Чуамени.

Опкружувањето на Перез, исто така, долева масло на огнот со тоа што го убедува претседателот дека Реал моментално го има најдобриот тим во нивната модерна историја и дека нивните перформанси се во најмала рака неверојатни. Сето ова само го зголемува притисокот на „Сантијаго Бернабеу“, а останува да се види што ќе биде со Карло Анчелоти доколку работите не се подобрат.

Тешко дека Реал ќе отпушти еден од своите најуспешни тренери на средина од сезоната, но не е ни чудо што клубот веќе почнува со планови за нов тренер од летото.

ПретходноМлад српски фудбалер го загуби животот во трагедијата во Нови Сад
СледноАморим за Јунајтед: Беше сега или никогаш!