Стајиќ: Должни сме да ја израдуваме битолската публика

23

Пелистер продолжува со згуснатиот ритам натпревари, па така денека избраниците на Александар Петровиќ со почеток вo 18.30 часот ќе излезат на мегдан со Кожув. Средбата се игра во салата „Боро Чурлевски“ во Битола, идеална можност за „пелистерци“ да се вратат на победнички патеки по двата врзани порази од Гостивар и од Џокер.

„Зелено-белите“ се свесни каде е најнеопходен напредок во играта, во последните денови се работеше напорно и се очекува повторно да влезат во победничка серија почнувајќи од денешниот дуел со гостите од Гевгелија.

„Пред нас е доста важен натпревар, се наоѓаме во мала резултатска криза и овој меч е одлична шанса за враќање на победнички патеки. Задачата нема да биде лесна бидејќи се среќаваме со екипа што ќе игра без притисок, екипа што нема што да загуби. Она што ќе биде клучно е да го наметнеме нашиот ритам на игра, како и да ги запреме нивните шутеви од далечина. Ако успееме во тоа, резултатот нема да изостане. Мотивирани сме, знаеме дека сме должни на верната битолска публика која ни дава огромна поддршка на секој меч. Затоа, заедничка желба на целиот тим е да ги израдуваме со победа“, изјави Бобан Стајиќ во пресрет на мечот со Кожув.

Традицијата вели дека Пелистер има осум победи во низа на дуелите со денешниот ривал, а тимот од Гевгелија последен пат славел против нашиот клуб во февруари 2020 година.

На останатите средби ТФТ во ран термин (12:30 часот) го пречекува Шкупи, Вардар е домаќин на Работники (14 часот), додека пак Куманово ќе го пречека Гостивар (18 часот).

ПретходноКобна грешка на Бањаја, Мартин на чекор до титулата! (ВИДЕО)
СледноРаспродадено: “Дербито на Македонија“ ќе се игра пред преполни трибини!