Во меч од 13.коло во ПМФЛ вечерва од 19 часот се игра “Дербито на Македонија“. Пелистер VS Вардар во битка за бодови, дуел меѓу двата наши гиганти.
Битола е на нозе и тоа се денови. Вечерва трибините на стадионот “Петар Милошевски“ ќе крцаат, ќе биде преполно, билетите пред два дена се распродадени.
Да, Битола е на нозе зошто доаѓа Вардар, доаѓа вечниот ривал, доаѓа најтрофејниот. Ова дерби е мотив за играчите на двете екипи да покажат дека и Пелистер и Вардар треба да бидат горе на табелата, ова дерби е можност и шанса некој од помладите да го искаже сиот свој талент.
Ова е дерби во кое ќе има и тоа како тактичко надмудрување меѓу Влатко и Срле, но ова е дерби кое треба да се добие. Тоа се размислувањата во редовите и на Пелистер и на Вардар.
Традицијата и историјата велат дека во досегашните дуелу Вардар има далеку повеќе успеси и победи.
Но, тоа е историја, тоа е минато, тоа се бројки кои важат се до 19 часот кога еден од нашите најдобри судии Јован Качевски ќе даде знак за почеток на мечот. А потоа актерите на теренот ќе го имаат главниот збор. Потоа ништо нема да биде важно од тоа што било, туку што ќе биде. Така е тоа во фудбалот.
Последното „Дерби на Македонија“ се одигра на 18 август на Арената во Скопје и го доби Вардар со голот на Дианеси во 82.минута. Секако дека вардарци и нивните фанови нема да имаат ништо против така да биде и вечерва, но јасно е дека домашните фудбалери посакуваат исходот од овој меч да биде во нивна корист.
Вечерва Битола ќе биде епицентарот на сите спортски случувања во Македонија. Вечерва играат гигантите во мак – фудбалот Пелистер и Вардар и тоа за првпат под рефлектори во Битола.
Вечерва под „Тумбе Кафе“ ќе се види кој е кој!