Коментар на 13.коло: Спектакл во Битола, дури пет екипи во битка за титулата!

843

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Познато е дека „Дербито на Македонија“ е дерби со посебен шарм, и поради Пелистер и Вардар, но и поради Комити и Чкембари. А вчера тоа беше спектакл. Близу 7.000 гледачи на стадионот “Петар Милошевски“ во Битола, неверојатно голем број на Чкембари а и Комити можат да се пофалат дека беа во голема бројка. Спектакуларна атмосфера, за првпат во Битола се играше под рефлектори. Вардар подобар, посебно во второто полувреме. Дианеси имаше барем три големи шанса да му донесе победа на Вардар, но тоа е тоа, тоа е проклетсвото во фудбалот. Ќе ти даде кога најмалку заслужуваш а ќе ти земе кога најмногу заслужуваш. Така беше и вчера. Пелистер победи со голот на Ивановски во 90+2.минута иако беше „печен“ за пораз, а пораз за Вардар иако требаше да победи.

Секоја чест за Битола, секоја чест за Чкембари и Комити, секоја чест за сите актери на вчерашниот спектакл.

За жал ваквите спектакли во мак – фудбалот се толку ретки што сега со ова дерби ќе се занимаваме со денови и недели.

Вардар и Захариевски се разделија. Ништо чудно ако се знае дека на девет средби под негово водство нашиот најтрофеен клуб успеа да победи само еднаш и тоа во Кавадарци и тоа со службени 0:3, двапати ремизираше и шестпати беше поразен.

Како се вели, пред фактите и боговите молчат. А ова се фактите.

По вчерашните мечеви, на кои Работнички и Шкендија одиграа 0:0, Силекс славеше кај Брера, Струга ТЛ кај Беса, а Гостивар го победи Шкупи на Чаир. Во Тиквеш ништо ново, одново нема гол и одново нема победа.

Па така сега кога ќе ја погледнете табелата ќе видите дека од првпласираниот Работнички до петтата Струга ТЛ, разликата е само три бода, од 25 до 22 бода. Интересно, веќе во сабота шампионот го дочекува лидерот во Струга. Значи табелата изгледа вака: Работнички 25, Шкендија 24, Силекс 24, Гостивар 24, Струга ТЛ 22. И дефинитивно ова се екипите кои се во битката а титулата и за излез во Европа. Струга ТЛ и покрај тоа што има есен за заборав, само поради последните три меча на кои освои 7 бода е тука некаде при врвот, а од следното коло може да е на делба на првото место.

Минатиот пат рековме дека се очекува лудница во битката за титулата, еве тоа само се потврдува.

ПретходноГрег Попович нема да го води Сан Антонио во следниот период
СледноАнчелоти: На кого му е до фудбал по трагедијата во Валенсија