Македонската машка ракометна репрезентација има нова мисија – да обезбеди пласман на Европското првенство 2026 година. Нашиот најдобар национален тим во квалификациите за противници ги има селекциите на Естонија, Литванија и Словенија.
Во првите две средби, Македонија ќе ги одмери силите со Естонија (6.ноември, СЦ „Борис Трајковски, 20 часот), додека четири дена подоцна и гостува на Литванија.
Предводникот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров за овие две средби одлучи да направи неколку промени во составот. Една од нив е на голот, Никола Митревски се најде во списокот на резерви, а додека на неговото место е Иван Галевски.
Младиот голман на Алкалоид, минатата и оваа сезона покажа голем потенцијал, па сега ќе има шанса да ја оправда довербата на Лазаров, секако доколку добие шанса. За Галевски ова е прв повик за официјален натпревар во сениорскиот тим.
„Ова е мој прв повик за официјални натпревари во репрезентацијата. За мене е огромна чест и задоволството е голема, а одговорноста е огромна. Играме два меча со Естонија и Литванија, противници кои заслужуваат голем респект, но ние ќе дадеме максимум од себе и одиме на победа.
Тука сум за да го оправдам повикот од селекторот и ќе се обидам да одговорам максимално на задачите. Ако ми се укаже шанса за настап, ќе бидам комплетно фокусиран и ќе го пружам најдоброто од себе за победа на нашиот тим“, изјави Галевски.