Стефан Мелник од ШК Мулти Есенс до делба на шестото место на СП за слепи лица!

80

Стефан Мелник, член на шаховскиот клуб Мулти Есенс, го заврши своето прво учество на Светското индивидуално првенство во шах за слабовидни и слепи лица со делба на шестото место.

Првенството, кое го организираше Интернационалната спортска федерација на слепите (IBSA), се одржа од 25 октомври до 4 ноември во Петровац, Црна Гора, каде што 16-годишниот Мелник се натпреваруваше во сениорска конкуренција. На крајот на првенството, првите три места ги освоија шахисти кои остварија по седум поени во деветте одиграни кола, вклучувајќи ги ФИДЕ-мајсторот Иштван Золтан Замбо од Унгарија и искусниот интернационален мајстор Предраг Никач од Црна Гора. Мелник собра 5,5 поени, со што се приближи до врвната група и заврши на делба на шестата позиција.

Оваа година, Мелник учествуваше и на Европското првенство за слепи лица, организирано од IBCA во Романија, каде се пласираше меѓу десеттото и осумнаесеттото место. Со овие успеси, тој го потврдува својот шаховски талент, а истовремено и посветеноста на неговиот тренер, велемајсторот Трајко Недев, чија работа со него изминатите две години покажува видливи резултати.

„Овој настап ќе го паметам по пропуштените шанси,“ истакна Мелник по враќањето. „Имав подобри позиции во два наврати – против Никач, кој ги искористи моите грешки и победи, и против Французинот Јан Тевене, со кого одиграв реми. Иако бев најмладиот учесник, очекувам наскоро да се борам и за еден од медалите.“

Со овој настап, младиот шахист освои нови 63 рејтинг-поени на ФИДЕ листата, а заедно со 131 поен од Европското првенство, неговиот рејтинг сега ќе надмине 1900 поени. Ова го поставува меѓу најуспешните играчи на ШК Мулти Есенс, клуб со кој минатата сезона обезбеди пласман во Првата шаховска лига на Македонија.

 

ПретходноМакедонија низ квалификациите за ЕП: Најубедливата победа изнесува 27 гола, најтешкиот пораз е 17 гола
СледноКакво понижување: „Никогаш не бев против заминувањето на Мбапе“!